Живееме во време кога достапот до информации е најлесен од било кој момент во
човечката историја, а сепак е време на најголем број на дезинформации и
демонстрација на незнаење.
Сигурно за целото време додека трае ова со Корона вирус сте слушнале многу
од ваши пријатели или познаници со муабети „ракија го лечи Корона, ако ракија дезинфицира
раце зошто да не дезинфицира од внатре?“, „Ова е измислен вирус во
лабораторија, го измислија да ја срушат кинеската економија“, „Вирусот не ни
постои, станува збор за обичен грип“, „Американците го имаат лекот и го чуваат
да го пуштат во погодно време“ итн. Многу од овие тврдења доаѓаат од луѓе кои
немаат никаква врска со биологија, медицина, епидемиологија и слично. Многу
често пишувам за дезинформациите и многу често се држам до тезата дека
дезинформациите не можат да се запрат, она што може е да не им веруваме или да
знаеме критички да селектираме.
Можеме да забележиме дека речиси со секој предизвик со кој се соочува
човештвото дополнителен проблем претставуваат лажните информации. Нашите
сограѓани на социјалните мрежи се со свои измислени теории на заговор. Не се
дел ни од светските теории на заговор кој комуниколозите веќе ги анализираат.
Ние сме до толку мрзеливи што не мрзи и светските заговори да ги прочитаме, но
имаме бујна фантазија па си креираме свои глупости. Веројатно логично е да претпоставите
дека тоа е безопасно, но не е целосно така. Со Коронавирусот за првпат се
појави т.н. инфодемија – епидемија на дезинформации.
Бранот на неточни информации ја поткопува и така разнишаната доверба во
системот, во глобалните организации, во владите, здравствените власти,
невладините организации и научниците. Најголем дел од оние кои се упатени
веруваат дека токму тие луѓе и организации се оние кои ќе бидат одговорни да се
справат со евентуална пандемија. Замислете во каква иронична ситуација се наоѓа
разумот. Од една страна веруваат дека властите коват заговор против вас, а од
друга страна при евентуална пандемија барате целосна одговорност и помош од
нив.
Неточните и лажни информации кои се шират и меѓу луѓето, не само преку
интернет, можат да доведат до опасни реакции. Можат да доведат до употреба на
средства и преземање акции кои се штетни за нивното здравје, но и до опасна
стигматизација и дискриминација кај одредени луѓе. Еве некои работи кои успеав
да ги проверам за потребите на овој текст:
-
Не,
лук не го лечи или превенира Корона.
-
Не,
ракија не спречува Корона. Нема научен доказ кој потврдува дека алкохолот има
било каков бенефит за човечкото тело. Алкохолот во медицината наоѓа примена
единствено за надворешна употреба. Медицината успеала да најде примена на
морфиум, но не и на алкохол.
-
Не,
Симпсонс го немаат предвидено доаѓањето на Коронавирус. Тоа е фотомонтажа.
-
Книгата
од 1981 година не го
предвидува Коронавирус. Станува збор само за користење на името Вухан, но не и
на името Корона. Од сите книги на светот ќе најдете некоја што го споменува
Вухан во контекст на болест.
-
Болеста
не е измислена како биолошко оружје.
-
Нема
вакцина против Корона (сега за сега). СЗО се надеваат дека ќе се пронајде за неколку
месеци.
И уште многу
други бесмислени конспирации. Не знам од кога стана чудно и невообичаено
човештвото да се справува со болести и вируси. Зарем не е тоа поентата на
целата наука и медицина? Зарем тоа не е предизвик кој е присутен од кога постои
човекот? Зарем тоа не е вечната борба на природата? И да, секогаш ќе има
вируси, секогаш ќе има болести и секогаш ќе има предизвици кои ќе треба да се
надминуваат независно колку модерно време живееме, колку модерен мобилен
телефон имате или колку ви е брз интернетот. Секогаш ќе постојат и неточни
информации и нам ни останува борбата да ги спречуваме вирусите кои се шират во
природата и вирусите кои СЗО ги нарече „инфодемија“, кои се шират како неточни
информации меѓу луѓето. И тие можат исто така да бидат подеднакво опасни.
Имајќи можност нашиот глас да допре до повеќе луѓе одговорноста за тоа дали
шириме лаги е на секој од нас.
Comments
Post a Comment