Во изминативе четири месеци се изнаслушавме многу теории за вирусот, многу „експерти“
придонесоа за ширење на безброј неточни информации. Сигурно сте слушнале некој
пријател или роднина како има братучед на чијшто татко му давале 2000 евра за да
го евидентираат дека заболел од Корона? Ретко кој тоа ќе го напише јавно, но во
затворените групи на Messenger, Viber, Whatsapp… ширењето на информации меѓу
членови на семејството или пријателите оди многу полесно. Тоа е нов проблем со
кој се соочуваме. Дезинформации меѓу затворени чет групи на интернет кои речиси е
невозможно да се контролираат. Со четири
клика, во оние чет групи со семејство или пријатели, информацијата стигнува до
педесетина луѓе, а сепак е затворена. Тука се концентрирам на групите за
разговор кои сите ние ги имаме со семејството или со пријателите во кои има и
по 20-тина блиски луѓе.
Психолозите докажале дека имаме тенденција повеќе да веруваме на луѓе кои
се блиски до нас, особено доколку се во роднинска врска. Затоа понекогаш,
потсвесно, се употребува дека има „братучед“ кој што им кажал, оти нели,
роднините не можат да лажат.
Луѓето, најчесто ги споделуваат информациите во своите тесни роднински
кругови, бидејќи е потешко да бидат оценувани или критикувани, од странци, од непознати. Доколку
информацијата „од братучедот“ би ја ставиле на ѕидот, јавно на Фејсбук, веднаш
може да ве обвини некој странец, некој непознат, за ширење на лажни вести. А доколку
истата ја споделите во потесен круг, во група на Messenger, меѓу пријатели,
меѓу роднини, секогаш се „тешите“, дека дури и да е лажна вест „штетата“ е
помала, а воедно и шансите за да бидете јавно критикувани се помали.
Зошто го правиме тоа? Зошто меѓусебно споделуваме
неточни, делумно точни, непроверени информации, и тоа со нашите најблиски?
Свесни сме дека некогаш тие полувистинити информации можат да им наштетат на
оние кои најмногу ги сакаме, но сепак се одлучуваме да „соопштиме за некоја превентива
од Коронавирусот“. Зошто?
Споделувајќи информации добиваме чувство дека ја контролираме состојбата, дека ги имаме работите под контрола. Во тој случај, доколку имате информации кои „никој друг ги нема“, вие добивате чувство дека сте посебен, дека сте „чекор пред другите“ и дека во ова време, кога сите се во паника, токму вие ја имате состојбата под контрола. Ако споделите дека „вирусот не постои“,“постои вакцина, но ја кријат“ и слично, го добивате тоа ЛАЖНО чувство дека нешто контролирате.
Споделувајќи информации добиваме чувство дека ја контролираме состојбата, дека ги имаме работите под контрола. Во тој случај, доколку имате информации кои „никој друг ги нема“, вие добивате чувство дека сте посебен, дека сте „чекор пред другите“ и дека во ова време, кога сите се во паника, токму вие ја имате состојбата под контрола. Ако споделите дека „вирусот не постои“,“постои вакцина, но ја кријат“ и слично, го добивате тоа ЛАЖНО чувство дека нешто контролирате.
Ова е позасилено кога станува збор за постарите членови на семејството. Тие
и така имаат потреба да ги заштитат помладите и така сакаат да го имаат тоа
чувство дека помагаат или дека ја имаат состојбата под контрола. Колку и да се
возрасни, тие го имаат тоа чувство на родителство (чувство на обврска да ги
заштитат своите деца).
Впрочем сите првенствено поседуваме телефони за да комуницираме со нашите
најблиски, но со текот на времето таа парадигма се менува. Ние почнуваме да
примаме информации од непознати, а да ги споделуваме со нашите најблиски. Ова
особено важи за постарите. Иако тие ги имаат своите смартфони за да добијат порака
од ќерката или внукот, сепак со текот на времето почнуваат да го користат
телефонот како извор на информации, и тоа најчесто лажни. Студии покажуваат
дека повозрасните луѓе имаат седум пати поголеми тенденции за ширење лажни
вести, отколку помладите.
Тука се јавува уште еден проблем. Проблемот да се коригираат повозрасните.
Често и моите повозрасни роднини со мене споделуваат информации кои знам дека
не се точни (прскале со авиони, НАТО пуштале Корона над Штип, има вакцина....),
но не секогаш ги коригирам. Знам дека е тешко да се влезе во конфликт со тие
што ти значат.
Истражувањата покажале дека на социјалните мрежи само 21% од луѓето коригирале луѓе кои
шират лажни вести, а овој процент е дури помал кога помладите треба да ги
коригираат повозрасните роднини.
Во контекст на Ковид 19, во фамилијарните групи на интернет постои и зголемување
на меѓуетничката омраза и генерално на работите кои се јавно „забранети“ за
пишување. Тоа е заради тоа што сите во тие групи се „наши“. Често во тие групи
е „дозволен“ расизам, меѓуетничка омраза и слично. Па, сигурно сте биле сведоци
кога во групите се обвинуваат дека „Албанците“ се виновни за ширењето на
вирусот, па „Кинезите“ се криви за вирусот и слично. Во овие фамилијарни групи
лесно се засилува етничката, религиозната или расната омраза, поради тоа што тешко
наидува на осуда од другиот. Ако сакаме да ги спречиме, мора да им посочуваме
на нашите роднини/пријатели дека станува збор за неточни информации или за
ширење омраза. Да, тоа понекогаш
доведува до непријатни ситуации, ситуации кои првенствено сакаме да ги
избегнеме, т.е. конфликти со саканите, но навистина тоа е придонес кон подобро.

Comments
Post a Comment