Лесно е да се зборува сега колку било голема диктатура во времето на
Груевски, или колку тој бил виновен и колку ја „зафркнал“ работата. Велат лесно е да се пука на мртов фашист. Тоа
не е поентата на овој текст. Поентата е дали ние научивме нешто од тоа време?
Дали ние сфативме дека не треба целиот свој потенцијал и верба да го вложиме во
еден човек? Дали ние разбравме дека не постои еден човек кој ќе ја спаси
државата. Постои систем кој треба да го изградиме, а не човек кој треба да го
пронајдеме.
Од времето на Груевизмот видовме дека систем кој е поставен на еден човек
се распаѓа веднаш штом тој човек го нема. Тоа го видовме и во времето на Tитоизмот,
но и тогаш не научивме. Во исто време и нашите лидери не научија, дека без
системот кој го подредуваат на себе, без моќта се никој и ништо, дека без моќта
која ја злоупотребуваат можат границите да ги минат само во гепек. Некои лекции
не чинеа многу скапо, како онаа на Титоизмот, но и сегашните не се баш ефтини.
Сепак оваа сегашната приказна ќе ја поврзам со медиумите и медиумскиот
простор. Сигурно се сеќавате на бројните
медиуми, портали и новинари кои се раѓаа во времето на Груевски. Се родија
национални, регионални и локални медиуми како печурки после дожд. Со најсовремена
опрема, со пари кои само тие знаеја од каде доаѓаат. Се добиваа дозволи за
работа преку ноќ и почнуваа да зрачат преку ноќ. Многу работи се случуваа преку
ноќ во тоа време. МРТ добиваше опрема и пари како никогаш претходно. Не
вклучувајќи ги преку 30 милиони евра за МРТ , и можеби уште толку во опрема,
тогашната влада интервенираше со преку 19 милиони евра (годишно) во медиумскиот
пазар. Пари во сите локални, регионални и национални. Создадоа систем кој може
да постои само додека постои Груевизмот. И така и беше. Падна груевизмот, преку
тесен гепек отиде во странство, но во него ги однесе и медиумите и медиумскиот
пазар.
И ние не научивме. Ние мислиме дека било која сфера зависи од тоа дали
некој има желба да работи добро. Ние мислиме дека квалитетот на медиумите
зависи од тоа колку новинарите сакаат да прават добри приказни. Тоа е исто како
да мислите дека Вардар може да ја победи Барселона само ако фудбалерите сакаат
да играат добро. Не оди тоа така. Секоја сфера е зависна од системот во кој делува.
Сега повторно создаваме култови и никако не ја учиме лекцијата дека медиумите
мора да ги ослободиме од државните интервенции. Додека медиумите пропаѓаат, ние
не бараме начин да создадеме систем во кој ќе делуваат, туку бараме начин како
да го вратиме Груевизмот или дел од него.
Со години веќе, не се зафаќаме со реформите во медиумскиот сектор, три
години не се мрднати од мртва точка, туку се бара начин како да се врати
државното рекламирање во комерцијалните медиуми. Верувајте, да не беа малкуте упорни
новинарски здруженија и силното меѓународно влијание, вие денес ќе ги гледавте
истите медиуми од 2010-та кои ќе ви прикажуваа дека сме прва економска сила во
Европа, втори по БДП во светот и земја од каде потекнува цивилизацијата. Колку
за илустрација државно рекламирање во комерцијалните медиуми е најзастапено во
: Пакистан, Уругвај, Грузија, Аргентина, Тајланд, Јужна Африка, Колумбија,
Кенија, Унгарија, Молдавија... Листава е баш елитно друштво нели?
За да се подобри економската состојба во медиумите, мора да го подржите
пазарот на медиуми. Мора да создадете квалитетен јавен сервис по примерот на
западните демократии и да поддржите квалитетно новинарство во комерцијалните
медиуми.
Со години имаме убедливо најлош јавен сервис (МРТ) во регионот, а реформата за него е мртва поради немањето политичка волја. И зошто нема политичка волја? За пари, власт и моќ. Истата причина поради која настана Груевизмот. Затоа што ако имате добар јавен сервис и реформирана медиумска сфера ќе имате медиуми и новинари кои можеби константно ќе посочуваат на вашите грешки, а ако имате млитави медиуми кои едвај преживуваат ќе ја имате лагодната позиција на владеење без контрола.
Важно е денес да се потенцира дека и политичките и бизнис елитите очигледно
немаат интерес од квалитетни медиуми, затоа што така ќе расте рејтингот на
новинарите, а по природа на нештата, ќе паѓа нивниот. Истата филозофија беше и
на Груевизмот, важно е да нема квалитетни медиуми. Едните со пари, другите без
да мрднат со прст.
Мислам дека до тука стана јасно зошто е важно сите да бидеме свесни за овие
теми. Заради тоа што колку подобри медиуми толку подобра и поефикасна
демократија, колку поефикасна демократија толку подобра држава.
Очигледно тие промени требаше да се случат вчера, ако се случат „утре“ се
плашам дека ќе е доцна. И никогаш не треба да се бара спасот во еден човек,
туку треба да се бара во целовит систем. Во квалитетна МРТ која ќе служи на
сите граѓани, која ќе биде страв и трепет за властодршците, во реформиран медиумски сектор и во поддршка
на добро новинарство по цена на својата политичка кариера, оти сигурно ќе се
согласите, дека ниту една индивидуална кариера не е поважна од иднината на
демократијата.


Comments
Post a Comment